Имајќи ги предвид реакциите на дел од осигурениците и укажувањето од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување, со цел обезбедување на точно и целосно информирање на јавноста во согласност со важечките законски прописи, ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје дава појаснување во однос на известувањата доставени во врска со премии за осигурување по полиси склучени со посредување на Осигурителното брокерско друштво СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Битола.
Воедно, ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје изразува жалење до осигурениците поради тоа што известувањата предизвикаа недоразбирање или загриженост во однос на целта и значењето на известувањата.
Дописите до осигурениците се доставени за потребите на судска постапка која ја води ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје по тужба за утврдување на оспорени побарувања кои ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ги има спрема СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Битола – во стечај.
Целта на доставувањето на овие известувања е да се обезбедат релевантни информации и докази во рамките на наведената судска постапка, особено во однос на прашањето дали и на кој начин биле извршени плаќања на премии за осигурување по полиси за осигурување склучени со посредување на СН ОСИГУРИТЕЛЕН БРОКЕР АД Битола.
Доставувањето на известувањето само по себе не значи дека осигуреникот ќе биде предмет на присилна наплата. Евентуалното понатамошно постапување ќе зависи од утврдената фактичка состојба, исходот на релевантните судски и стечајни постапки и применливите законски прописи.
Доколку осигуреникот располага со доказ за извршено плаќање, истиот да го достави до ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје заради проверка и користење во соодветната постапка.
ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје ќе продолжи да постапува со внимание кон интересите на осигурениците и во согласност со важечките законски прописи и одлуките на надлежните органи.
Ова известување има информативен карактер и се однесува исклучиво на причините и целта на доставувањето на предметните известувања.
