Како да го Намалите Ризикот од Пијано Возење за Време на Празниците
Празничниот период пристигнува, и знаеме дека помеѓу Нова Година и Божиќ, ќе се конзумира доста алкохол! Додадете го и студеното време со подмрзнати тротоари и патишта, и имате многу опасна комбинација која може да резултира со фатални несреќи!
Но сепак, и покрај предупредувањата луѓето продолжуваат да возат во пијана состојба верувајќи дека успешно ќе се справат со несаканите ефекти од алкохолот. Многумина ќе речат:
“Ах, штом уште зборам и чашава не ми паѓа од раце, можам да возам каде сакаш!”
Или, вечното клише на крајот од секоја забава:
“Ајде по едно кафе да се отрезниме па да возиме накај дома!”
Но, вистината е дека алкохолот ни ги одзема вештините за возење и координација долго пред да покажеме знаци на интоксикација.
Доцните часови во комбинација со неколку пијачки можат лесно да ве исфрлат од колосек кога сте зад воланот.
А кафето може привремено да ве разбуди, но нема да може да се избори со нарушувањата во одлучувањето и координацијата како последица од алкохол.
Ризиците од пијано возење во празничниот период кој ни претстои се големи и не вреди да ја загрозувате Вашата, и безбедноста на Вашата фамилија и вработени. Затоа, пред да наздравете со “Уште по една” размислете за следново:
- Планирајте однапред. Доколку имате намера да се напиете, немојте да возите. Играјте на сигурно и поминете си убаво пред и после прославата.
- Ветете дека нема да возите поднапиени. Доколку подлегнете на искушението, повикајте такси или нека ве одвезе пријател кој е во потрезна состојба.
- Внимавајте на другите. Ако гледате дека некој претерал со алкохолот, земете му ги клучевите, и безбедно одвезете го/ја дома.
- Пријавете. Доколку видете дека некој тотално ја изгубил контролата над возилото, пријавете го веднаш на надлежните органи. Спасете го неговиот, и животот на некој друг.
- Доколку одржувате забава со Вашите вработени, замолете ги да ви достават план за пристигнување на забавата. Организирајте им превоз за да не ризикуваат кога ќе се враќаат од забавата.
- Ако организирате забава, алкохолот нека не биде главната атракција. Има многу други начини на кои можете да се забавувате и да си поминете убаво. Алкохолот не треба да биде првото нешто кое ќе го видат вашите гости.
- Избегнувајте премногу солени закуски. Тие само ве тераат да пиете повеќе.
- Кажете НЕ. Доколку немате намера да пиете, немојте. Затоа што е празник и има алкохол, не значи дека морате да се напиете. Пиењето алкохол не е ваша законска обврска, и нема да сте нељубезни доколку побарате безалкохолен пијалок.
Запомнете дека самата здравица е само гест, и не е некоја цел кон која треба да се стремите за време на празниците. Кога е празник, најважно е да бидете со оние кои ги сакате и да си поминете убаво. Алкохолот секогаш треба да остане само опција.
Имајте ги на ум гореспоменатите работи, и најважно од се, Ви посакуваме да бидете безбедни, и да си поминете убаво во периодот кој ни претстои.
Среќни Празници од ЕВРОИНС МАКЕДОНИЈА. Со најдобри желби, за Вашата Сигурност!